
Зголемен беше обемот на работа на јавните обвинителства во текот на 2024 година, покажа Годишниот извештај за работата на обвинителствата, што го објави Јавното обвинителство.

Во текот на 2024 година, основните јавни обвинителства во државава постапувале против вкупно 37.255 сторители на кривични дела, од кои новопримени беа пријави против вкупно 25.909 сторители на кривични дела. Споредбата на податоците покажува дека во извештајната година се регистрира значително зголемување на бројот на новопријавени сторители на кривични дела во однос на претходната година (за околу 10%), како во однос на полнолетните сторители, така и во однос на децата.
Ако се има предвид континуираното намалување и на бројот на јавни обвинители и на бројот на јавнообвинителските службеници во изминатите години, кое продолжи и во текот на извештајната 2024 година, како и недоволниот обем на средства кои се доделуваат за истражните дејствија и за работата на обвинителствата кои се далеку под законски утврдениот минимум, јасно е дека ваквиот зголемен прилив на предмети во јавните обвинителства претставува дополнителен предизвик за капацитетите, се констатира во Извештајот.
Зголемениот обем на работа и предмети по кои постапувале јавните обвинителства во 2024 година се согледува и преку општ раст на бројот на постапки за кривични дела од речиси сите глави во Кривичниот законик.
Особено очигледен е раст на бројот на пријави и предмети за дела од Глава XXVII од КЗ – Кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај, вклучувајќи и Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 од КЗ, но и полесните дела од областа на сообраќајот. Раст се забележува и во бројот на примени пријави (за дури 40%), но и во бројот на поднесени обвиненија. Ова укажува на неопходноста од јакнење на казнената политика и другите мерки во насока на превенција на овој тип кривични дела.
Согласно статистичките податоци од постапувањето на јавните обвинителства, во извештајната година е забележано зголемување и на бројот на кривични пријави за дела од Глава XIV од КЗ – Кривични дела против животот и телото, каде влегуваат убиства, тешки телесни и телесни повреди, учество во тепачки, загрозување со опасно орудие при тепачка и караница и други. Особено забележителен раст има во бројот на убиства квалификувани во потежок облик, каде бројот на пријави е речиси удвоен во однос на претходната 2023 година.
Целосниот текст на Годишниот извештај со статистичките податоци за работата на обвинителствата и структурата на криминалитетот е достапен на следниот ЛИНК.
Јавното обвинителство изготви и посебен извештај за примената на посебните истражни мерки, согласно кој забележително е дека бројот на случаи во кои се применувале посебни истражни мерки во текот на 2024 година има значителен тренд на намалување во однос на 2023 година (35 случаи во однос на ланските 87 случаи), меѓутоа податоците за опфатот на лица и предмети покажуваат дека овој вид мерки и натаму се користат како исклучително важно средство за обезбедување докази.
Така, во текот на извештајната година, под опфат на посебни истражни мерки биле вкупно 363 лица со утврден идентитет, 8 лица со неутврден идентитет и 163 предмети на кривично дело. Вкрстувањето на податоците според бројот на случаи и бројот на опфатени лица и предмети недвосмислено укажува дека во извештајната 2024 година бил заземен посложен пристап за примена на посебните истражни мерки, со комбинирање на повеќе видови мерки во еден предмет и со опфат на повеќе лица и предмети со цел поефикасно обезбедување на доказите.
Извештајот за примена на посебните истражни мерки во 2024 година е достапен на следниот ЛИНК.
Согласно член 55 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го поднесе извештајот до Собранието на Република Северна Македонија, на разгледување го достави до Советот на јавните обвинители, а за запознавање е доставен и до Владата на Република Северна Македонија, Врховниот суд на Република Северна Македонија и до Министерството за правда.