Skip to main content
Економија, Македонија

Новогодишен „подарок“ од Владата, 100 милиони евра нов долг вели Битиќи

30/12/2025  19:37

Актуелниот пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи, ја обвини Владата за лошо буџетско планирање и ново задолжување на самиот крај од годината, оценувајќи дека граѓаните добиваат „новогодишен подарок – камати“.

Во објава на социјалните мрежи, Битиќи наведува дека на 30 декември, кога граѓаните ги бројат последните часови до Новата година, Владата ги брои последните денови за уште едно задолжување. Според последните достапни податоци, буџетските приходи заклучно со вчера биле реализирани 91,1 отсто, односно 332,388 милијарди денари, а за да се достигне планираната реализација до 31 декември недостасуваат уште 32,47 милијарди денари, или околу 528 милиони евра.

Според него, ова е јасен индикатор за слабости во буџетското планирање и сигнал дека притисокот од неисполнетите приходи ќе се префрли врз животниот стандард на граѓаните.

„Кога планот за приходи не се исполнува, тогаш се позајмува и буџетската слика станува уште појасна“, пишува Битиќи, посочувајќи дека планираната аукција на државни обврзници од 4,4 милијарди денари е реализирана во износ од 6,1 милијарда денари, односно за 1,7 милијарди денари повеќе од првично планираното.

Тој оценува дека ова не е изолиран потег, туку целогодишен образец на задолжување. Според податоците што ги наведува, во текот на оваа година Владата на домашниот пазар се задолжила со вкупно 40,68 милијарди денари, односно околу 661,5 милиони евра.

Битиќи предупредува дека ваквата политика значи купување време со задолжување, но дека тоа време не е бесплатно.

„Тоа се плаќа со камати, со намалени инвестиции, со поскап живот и со иднина во која следната генерација финансиски ќе ја сервисира денешната ‘буџетска стабилност’“, наведува пратеникот Битиќи

ЛИНК од статусот