Skip to main content
Македонија

Ново судење за „Пулс“ – исказ ќе даде вешто лице од судска медицина

04/05/2026  09:11

Денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Според предвиденото, исказ пред судот треба да даде вешто лице од Судската медицина.

На претходното рочиште на 28 април Обвинителството презентираше медицинска документација и податоци за повредените што се јавиле за укажување медицинска помош по пожарот. 

Обвинителката Наташа Сарамандова ги презентира вештачењата за 157 лица со тешки телесни повреди, како и 65 оштетени, кои добиле телесни повреди. Од сите повредни во пожарот, 20-ина се деца. 

Вештачењата на медицинската документација на повредените во пожарот на 16 март 2025 година констатира повреди од штетни гасови и интоксикација, тешки телесни повреди со изгореници на лицето, рацете, телото и грбот од 6 до 30 % од вкупната површина на телото, како и изгореници на дишните органи, оштетување на респираторната функција и повреда на дишните органи поради вдишување јаглероден моноксид. 

Некои од повредените добиле и нагмечувања на главата и телото, скршени ребра и инхалаторни повреди оиради што била неопходна механичка инхалација, пад на кислородната сатурација до 80 %, нагмечни рани на рацете и телото, на очите и оштетувања и скршеници на градните прешлени. 

Одбраната реагираше на изведувањето на доказите дека е само читање на листата со докази, а не читање и изведување докази. 

Претходно, Обвинителството ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите. 

Обдукцијата на 59 жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани покажува дека нивната смрт е насилна и настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.