Skip to main content
Скопје

Ново депо на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ

14/03/2025  10:09

Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје ги известува граѓаните и медиумите дека од 17 март ќе биде отворено новото депо на пајак-службата на претпријатието, на новата локација до улица и мост Беласица под Железничката станица.

Новото депо ќе биде посветено на поддршка на процесот на управување со паркирање, одржување и чистење на јавните површини, како и за да обезбеди поголема ефикасност во секојдневното функционирање на паркинг услугите. Се очекува оваа нова локација да донесе значителни придобивки во контекст на зголемување на безбедноста и редот во урбаната средина. Ова е дел од пошироката стратегија на Општина Центар и ЈП ПОЦ за подобрување на инфраструктурата и услугите во градот.

„Во новата локација нудиме подобри услови за лежарина на возилата и полесен и побрз пристап. Површината на депото изнесува 2250 м2 и на истата се поставени нови куќарки за вработени и опслужување на корисниците. Изведена е водоводна и електрична мрежа за потребите на депото, потоа беше заградено со ограда, поставен е видео надзор на целата локација, обележана е сообраќајна сигнализација. Поставени се нови контролни рампи кои ќе бидат контролирани безжично. Со отворањето на новото депо, го подобруваме капацитетот и оперативната ефикасност на нашето претпријатие, што ќе овозможи побрзо реагирање и поголема флексибилност во нашето секојдневно работење “, изјави Душко Коцевски, директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Веќе од 17 март (понеделник), сите возила кои ќе бидат подигнати од службата може да се преземат од новата локација која што се наоѓа на мапата во прилог.