![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/srbija-protesti-2.jpg)
Студенти од српскиот град Ниш утринава пеш тргнаа кон Крагуевац, централна Србија, каде в сабота ќе се одржи уште еден протест со барање одговорност за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад минатата година, во која животот го загубија 15 лица, јавуваат српските медиуми.
Во исто време, група студенти од Нови Сад и Белград пешачеа и 150-километарската рута од главниот град на Србија до четвртиот по големина српски град.
Претходно оваа година, студенти од Белград патуваа околу 80 километри до Нови Сад во текот на два дена за да се приклучат на блокадата на мостовите во северниот српски град по повод три месеци од трагедијата во Нови Сад.
Студенти од цела Србија повеќе од два месеци ги блокираат универзитетите и организираат протести со барање да се утврди кој е одговорен за уривањето на настрешницата во Нови Сад и институциите да почнат да си ја вршат својата работа.
Движењето предводено од студентите доведе до оставка на премиерот Милош Вучевиќ, а пред него оставки поднесоа двајца министри.
Студентите, професорите и деканите на факултетот одбиваат да учествуваат во разговорите со владата, бидејќи сметаат дека не се надлежни да ги решат нивните барања, кои првенствено се насочени кон обвинителството и судството.
Синоќа група студенти од Нови Сад пристигнаа во Белград со трчање. Во главниот град на Србија беа пречекани со црвен тепих и огномет.