
До јуни годинава ќе биде изработена Националната стратегија за информатичко-комуникациска технологија (ИКТ), која се темели на четири клучни столба:
• Инфраструктура и поврзливост – подобрување на дигиталната мрежа во државата.
• Дигитални услуги и трансформација – олеснување на пристапот на граѓаните и бизнисите до електронски услуги.
• Нови технологии и вештачка интелигенција – примена на модерни технолошки решенија.
• Дигитални вештини – едукација на граѓаните и вработените во јавниот сектор за користење на новите технологии.
„Нашиот фокус е двонасочен – дигитализација на најкористените услуги за да ја зголемиме свесноста за електронските процеси, но и соработка со институциите што се најподготвени за брза дигитална трансформација,“ изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју за Тема на денот на ТВ Сител.
Катастарските услуги достапни преку uslugi.gov.mk
Како дел од процесот на дигитализација, министерот најави дека имотниот лист и уште пет клучни катастарски услуги од оваа недела се достапни на државниот портал uslugi.gov.mk. Граѓаните сега ќе можат да ги добијат овие документи и во центрите за услуги во Скопје, Аеродром, Јегуновце, Куманово, Охрид, Битола и Тетово, без потреба од директно одење во Катастар.
„На овој начин, шалтерите на Катастарот ги прошируваме низ целата држава, а со тоа граѓаните ќе имаат побрз и полесен пристап до неопходните документи,“ нагласи Андоновски.
Дополнително, со измените на Законот за електронски документи, од 1 јануари секој документ отпечатен од uslugi.gov.mk ќе важи исто како и традиционален документ со сини печат. „Овие документи ќе имаат електронски печат, електронски потпис и времен жиг што гарантира нивна правна валидност,“ појасни министерот.
Регулација на онлајн медиумите – повисоки стандарди за професионалност
Во однос на регулирањето на интернет просторот, Андоновски најави измени на Законот за медиуми, кои се во владина процедура и наскоро ќе влезат во Собранието.
Со предложените измени, онлајн медиумите што имаат импресум, објавен уредник и најмалку тројца вработени, а се регистрирани во АВМУ, ќе можат да ги уживаат сите права како официјални медиуми, вклучително и меѓународно признание.
„Ова е важен чекор за подигнување на професионалноста во онлајн медиумите и спречување на дезинформации. Граѓаните треба да знаат кој ги информира и кому можат да веруваат. Оние кои сакаат да работат без регистрација, можат да продолжат, но нема да бидат препознаени како официјални медиуми,“ објасни Андоновски.
Со оваа стратегија и новите закони, државата се насочува кон модернизација, дигитализација и унапредување на квалитетот на јавните услуги и медиумите, со цел граѓаните да имаат побрз, потранспарентен и посигурен пристап до информации и документи.