
Ако летово планирате пат со автомобил во Грција ќе треба навреме да ја проверите задолжителната опрема во возилото.
Од 18 јуни 2026 година во земјата стапуваат во сила нови правила за комплетите за прва помош, а за возачите кои нема да имаат соодветна опрема е предвидена казна од 30 евра.
Според новите правила, возилата во Грција ќе мора да имаат ажуриран комплет за прва помош со 16 задолжителни предмети. Правилото се однесува на моторните возила што се движат на грчка територија, со исклучок на мотоциклите.
Меѓу задолжителните елементи се изотермално спасувачко ќебе, стерилни завои, облоги за изгореници, ракавици, маски и други медицински материјали што треба да бидат соодветно означени, во рок на употреба и подготвени за користење во случај на несреќа или итна состојба.
Од асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ предупредуваат дека возачите треба редовно да ја проверуваат содржината на комплетот, особено во летниот период, кога високите температури може да влијаат врз состојбата на медицинските и фармацевтските материјали.
Новите правила предвидуваат комплетот да биде поставен во возилото на место што е лесно достапно и да не биде заклучен. Во него треба да има само материјали за прва помош и медицински средства, а сопствениците или возачите се одговорни за редовна замена на содржината.
Грчките патни контроли ќе го проверуваат поседувањето на опремата. Доколку при контрола се утврди дека возилото нема соодветен нов комплет за прва помош или дека опремата не ги исполнува условите, сообраќајната полиција ќе изрекува казна од 30 евра.

