Skip to main content
Скопје

Нови осум училници за 200 деца во ООУ „Јоаким Крчовски“ во Волково-Орман

20/05/2026  13:13

Простор за едукација на околу 200 деца ќе се овозможи со доградба на осум училници во ООУ „Јоаким Крчовски“ во населено место Волково-Орман во општина Ѓорче Петров. 

Камен телемникот на доградбата денеска беше поставен во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и општинските власти. 

Проектот е финасиран со 42 милиони денари преку вториот повик на Владата.

– Денеска одбележуваме 80 години јубилеј на училиштето и ги поставуваме темелите за иднината на многу генерации во овој дел на општината која се развива забрзано и има потреба од училиште бидејќи секоја година е се поголем бројот на деца. Во новите осум училници на околу 600 метри квадратни ќе можеме да примиме 200 дечиња. Посакувам ова училиште да започне од 2027/28 година со едносменска настава.  Ова е второ училиште со доградба месецов, а се надевам дека ќе почнеме уште една месецов – изјави градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Стојкоски. 

Премиерот Мицкоски истакна дека очекува успешна реализација на проектот, потенцирајќи го ангажманот на сите чинители вклучени во активностите. 

– Сите технички и инфраструктурни капацитети што ќе ги има овој објект ќе бидат додадена вредност во образовниот процес на децата. Како Влада продолжуваме да работиме посветено. Тоа што го ветивме и го исполнуваме – рече Мицкоски.