
Индиската армија соопшти дека синоќа имаше престрелка помеѓу индиската и пакистанската армија на фактичката граница помеѓу двете земји во Кашмир.
– Неиспровоцирани истрели од лесно оружје од страна на пакистанската армија регистрирани се на повеќе пунктови долж целата конторлна линија во Кашмир. Индиските сили соодветно одговорија, се наведува во соопштението на индиската армија.
Во пограничниот инцидент нема повредени војници.
Тензиите помеѓу двете нуклеарни сили се зголемија по терористичкиот напад во Пахалгам, во индискиот дел на Кашмир, при што загинаа 26 цивили. Индија го обвинува Пакистан за нападот.
Индиската армија вчера уништи две куќи, кои биле во сопственост на семејствата на напаѓачите.
Парламентот на Пакистан вчера едногласно усвои резолуција, со која се отфрлаат индиските обвинувања како неосновани и предупредува дека Исламабад е подготвен да се заштити.
Советот за безбедност на Обединети нации вчера апелираше до Индија и Пакистан на максимална воздржаност.
Индија и Пакистан контролираат дел од хималајската територија Кашмир, а двете полагаат право на цела територија. Спорната граница меѓу двете земји вооружени со нуклеарно оружје вклучува област долга 740 километри на Хималаите наречена контролна линија.
Индија и Пакистан се во тензични односи откако се стекнаа со независност во 1947 година. Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без да го реши статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, а по повлекувањето на Британците побараа тој регион да се присоедини на Пакистан. Тогашниот гувернер сепак одлучи Кашмир да го присоедини кон Индија. Пакистан и Индија во 1947 година ја водеа првата војна за Кашмир, а потоа војуваа повторно во 1965 и 1999 година. Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 проценти, додека Кина 20 отсто.