Skip to main content
Свет

Нови детали: Што е познато за напаѓачот на Трамп?

26/04/2026  21:45

Напаѓачот кој отвори оган за време на свечената вечера на Здружението на дописници од Белата куќа, на која присуствуваше американскиот претседател Доналд Трамп, бил поддржувач на Камала Харис и донатор на демократската кампања, пишуваат американските медиуми.

Станува збор за 31-годишниот Кол Ален од Калифорнија, инструктор за подготовка на студенти и дипломец на Калифорнискиот институт за технологија. Според наводите од истрагата, по апсењето признал дека негова цел биле функционери од администрацијата на Трамп.

Поддржувач на Камала Харис и дипломец на „Калтек“

Ален во 2017 година дипломирал на Калифорнискиот институт за технологија, познат како „Калтек“, каде што стекнал диплома по машинство, а минатата година и магистерска диплома по компјутерски науки.

Работел во компанијата „Ц2 Едукејшн“, каде што во декември 2024 година бил прогласен за „учител на месецот“. Истата година донирал 25 долари за кампањата на Камала Харис преку „АктБлу“, политички комитет кој собира средства за демократите.

На настанот дошол со три вида оружје

Полицијата смета дека Ален бил гостин во хотелот „Вашингтон Хилтон“, каде што се одржувала вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа.

На настанот дошол вооружен со пушка, пиштол и ножеви, а потоа се обидел да пробие низ безбедносната зона кон салата во која се наоѓале Трамп, првата дама Меланија Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс, членови на кабинетот и други гости.

За време на пукањето, еден припадник на Тајната служба бил погоден во заштитната опрема. Напаѓачот бил совладан, уапсен и пренесен во болница.

Обвинет за напад врз федерален службеник

Првото појавување пред суд е закажано за 27 април. Ален е обвинет за употреба на огнено оружје и напад врз федерален службеник.

Американските власти сметаат дека дејствувал самостојно. Истрагата продолжува, а надлежните се обидуваат да утврдат како успеал да се приближи до просторот каде што се одржувал настанот со највисоките претставници на американската администрација.