
Советниците во Советот на Град Скопје на денешната, 14-та седница, по предлог на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ќе дискутираат по дваесетина точки од предложениот дневен ред, меѓу кои и за Предлог-изменувањето и дополнувањето на Буџетот на Град Скопје за 2026 година. Со овој ребаланс се предвидуваат финансиски средства за реализација на многубројни проекти од областа на урбаното планирање, локалниот економски развој, комуналните работи, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Посебен акцент се става на реализацијата на проектите од областа на културата, како што се реконструкцијата на киното „Милениум”, обновата на библиотеката „Браќа Миладиновци” и реконструкцијата на Планетариумот во МКЦ, проекти од особено значење за нашиот град во пресрет на 2028 година кога Скопје ќе ја носи титулата „Европска престолнина на културата”.
Пред советниците, меѓу другото, денеска ќе се најде и Предлог-планот за изменување и дополнување на планот на програмите за развој за периодот 2026 – 2028 година, според кој се одобруваат средства за изградба на нова противпожарна станица за Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Со изградбата на новиот објект се очекува зголемување на брзината на реакција на пожарникарите за технички интервенции, спасување човечки животи и ефикасна заштита од пожари во урбана средина и на отворен простор.



