Skip to main content
Економија, Македонија

Нова инвестиција во ТИРЗ Тетово вредна 20 милиони евра, ќе отвори околу 500 работни места

16/06/2026  12:15

Нова инвестиција на компанијата „Џаво отомотив“ во ТИРЗ Тетово, која се очекува да отвори околу 500 работни места, објавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Како што рекоа Мицкоски и Дурмиши на прес-конференција во Владата, инвестицијата вредна 20 милиони евра е уште една потврда за атрактивноста на Македонија како дестинација за странските вложувачи, но и за довербата што тие ја имаат во нашата економија.

– Станува збор за браунфилд инвестиција која ќе почне со закуп на постоечки објкект од 8.000 метри квадратни, а капацитетите ќе се прошируваат до 21.000 метри квадратни до 2028 година. До 2030 година компанијата планира да иневстира околу 21 милион евра. Целокупното производство на контролни кабли од Труција и Словачка ќе се реализира во Тетово, што е потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, нашата работна сила и деловната клима, истакна Мицкоски.

Годишниот планиран извоз на компанијата е 45 милиони евра.

Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, инвестицијата е потврда дека Македонија станува се попривлечна за компании кои носат современи технологии, нови производствени капацитети и квалитетбни работни места. Одлуката на компанијата дел од производството да пренесе во нашата земја, напомена Дурмиши, е силен сигнал за довербата во македонската економија.

– Покрај отворањето нови работни места, овој инвестициски проект ќе значи зголемен извоз, трансфер на нови технологи и дополнителна додадена вредност на македонсакта економија. По иницијалните преговори кои траеа повеќе од една година, денес се испраќа јасна порака – дека Македонија и натаму е атрактивна дестинација за странските инвеститори, подвлече Дурмиши.

Мултинационалната корпорација „Џаво отомотив“ работи во индустријата за автомобилска опрема, дизајнира и произведува безбедносни производи, како и разни механизми и оперативни кабли за многу водечки производители на автомобили.

Освен во Турција, компанијата е присутна и во Канада, Германија и Словачка.