Skip to main content
Македонија

Николовски: Борбата со корупцијата во фокус, годинава преку засилени контроли спречен криминал со употребувани возила 

27/09/2025  10:01

Делуваме системски, преку зголемена соработка со останатите институции сè со цел спречување на организираниот криминал и корупцијата во сите институции кои учествуваат во царинските постапки. Годинава преку Одделението за истраги, во рамки на Секторот за контрола и истраги, поднесени се 67 кривични пријави против 38 правни и 148 физички лица за сторени кривични дела со 181 возила каде директната штета врз Буџетот изнесува 16,5 милиони денари. Донесени се 11 решенија за отказ на царински службеници. Зголемените контроли, се еден од клучните фактори за раст на наплатата на приходите од 65,5 милиони евра заклучно со август годинава. Ова беа главните поенти на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, во синоќешната емисија „Ставот на регионот” на Newsnax Balkans каде се осврна на конкретните резултати постигнати во изминатите месеци, со посебен фокус на системските мерки за борбата со корупцијата, како една од најголемите закани за безбедноста.

За „Ставот на регионот” Николовски порачува дека контролите на граничните премини се зајакнати и оти преку подобрена анализа на ризик, целта е што помалку контроли, со цел непречен проток на патници и стока при истовремен поголем успех во детекција и откривање на секој обид за криминал.

Во првата половина од годинава, како резултат на вршење селективни контроли базирани на анализа на ризик и проценка на ризик во патничкиот промет,  бројот на откриени неправилности е зголемен за 194 проценти во споредба со истиот период 2024 година.

Во однос на ефектите од воспоставениот концепт на едно застанување на граничните премини со Србија и Косово, директорот вели дека за разлика од порано кога граѓаните на едно место морале да застанат два пати, сега застануваат еднаш при што се врши една проверка. Системот веќе ги дава ефектите, преку забрзан проток на патници, како и ефикасна контрола и заедничко делување во спречување на секој обид за шверц.