
Инвестициите во инфраструктурата и авиосекторот допринесоа за раст на туризмот во земјава и силен пораст на ависообраќајот. Направивме една амбициозна агенда, инвестираме сериозно и резултатите се видливи. Имаме раст од преку 32 % на бројот на патници од двата аеродроми, 28 нови дестинации и раст од околу 20 % на странски туристи, одговори заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, на пратеничко прашање на денешна седница во Собранието.
Тој потенцира дека дополнително инфарструктурните проекти што се работат кон поврзување на аеродромите како и подигнување на нивните капацитети ќе стимулираат дополнителен раст на бројот на патници.
“Откако беше избрана оваа Влада, се направи нова методологија за привлекување на патници, која што ги даде своите резултати. Таа методологија е прифатена и од Европската Унија, ги има сите дозволи добиено и од таму, како и од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во таа насока очекувам оваа година да одиме над 3,5 милиони, имајќи предвид дека за периодот јануари – мај веќе имаме 1.600.000 патници, Тоа е раст од некаде околу 32% на двата аеродроми заедно, што е доста сериозен раст и се работи за најголем поединечен раст во цела Европа. Зошто да не, во еден период од неколку години да стигнеме и до 4 милиони. Она што е исто така значајно е дека се отвараат многу нови дестинации, 28 нови дестинации се отворени на редовни линии, на тоа имаме дополнително уште околу 16 чартер линии од двата аеродроми” – одговори Николоски.
Во делот на скопскиот аеродром, тој потенцира дека во изминатиот период силно се работи на квалитетно инфраструктурно поврзување и најави проект за железничко поврузување од Скопје до терминалната зграда на аеродромот.
” Имено, минатиот јануари беше ставен во функција експресниот пат кој што оди од Ранковце до Крива Паланка. Неколку месеци подоцна, исто така беше ставена во функција обиколницата на Крива Паланка. При крај е реконструкцијата и проширувањето на граничниот премин Деве Баир, а заедно со Европската Унија – еве вчера имавме состанок – продолжуваме да работиме подготвителни работи за изградба на експресен пат којшто треба да оди од Ранковце до Романовце, односно до Куманово, како би се врзал на Коридорот 10 и на тој начин Скопскиот аеродром од двете страни да е поврзан со автопат или со експресен пат.
Дополнително на тоа, веќе со Агенцијата за планирање на простор и со соодветните служби во Министерството за транспорт работиме на изработка на урбанистичко решение и идејно решение за железничко поврзување на аеродромот. Идејата е тоа железничко поврзување да завршува токму пред постојната терминална зградa”- потенцира Николоски.


