Skip to main content
Економија

Николоски: Интензивна динамика на автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“, правиме сè да се овозможи простор за што повеќе работа

11/05/2026  13:33

На автопатот Гостивар – Букојчани се работи  на 11 од предвидените 31 километар, а реализацијата изнесува 60 проценти. На Тетово – Гостивар, пак, се работи на 14-ина километри од предвидените 17,5, а реализацијата е 8,4 проценти. Од Владата велат дека прават сè за да овозможат изведувачите што побргу да ги завршат овој и другите проекти од пакетот автопати што ги гради „Бехтел и Енка“, од каде што истакнуваат дека имаат активен напредок во изградбата на повеќе од 50 километри од трасата на двата коридори, 8 и 10д. 

Увид на активностите во изградбата на автопатските делници денеска извршија премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски. 

– За делот од Тетово до Гостивар, во јавноста некако е прифатена перцепцијата дека тоа е автопат, но во суштина тоа е експресен пат. Првпат на оваа делница ќе се изгради автопат. Втората е делницата Гостивар – Букојчани кај што сме сега. Нешто што мислам дека за многумина беше незамисливо, а тоа е дека кога било ќе има автопат што ќе ја заобиколи Стража и дека најтешкиот дел од поврзувањето со Охрид и Струга и целиот Коридор 8, а тоа е превојот Стража, ќе биде избегнат. И можете да видите тука пред нас како интензивно се работи на мостови, на пробивање на автопатот, на заштита на косините. Навистина се прават исклучително напредни инженерски работи – изјави Николоски. 

Главните предизвици во изградбата на автопатот Тетово – Гостивар, како што рече, се многуте водови на кои треба да се направи дислокација, а кај Гостивар – Букојачни има почист терен со помалку дислокации, но е потешко затоа што треба да се заобиколи планинатата Буковиќ, а брзината треба да биде од 90 до 130 километри на час.

– За жал, прехтодната влада немаше сработено ништо. Во ноември лани добивме известување од надзорниот инженер, кој побара да се продолжи рокот за завршивање за две години затоа што мора да се компензираат двете изгубени години. Затоа ќе се оди со рок од декември 2029 година, што не значи дека нема да биде и порано – рече Николоски. На Тетово – Гостивар има многу натпатници, гравитираат пет општини и треба да се спојат, а мора да го држиме во добра кондиција и постојниот пат. 

Не очекува промени во цената на чинење, но, потенцира, продолжувањето на рокот мора да го направиме поради претходната влада. Експропријацијата е завршена. За Гостивар – Букојачни на седница на Владата е усвоен урбанистичкиот план за вториот дел, а за Прилеп – Битола урбанистичкиот проект, врз основа на тоа се прави експропријација и веќе немаме такви отворени прашања, односно обврската на државата е целосно завршена – рече Николоски.  

Тој се надева дека едната лента од автопатот Прилеп – Битола веќе првата половина в година ќе биде целосно пуштена, а автопатот Гостивар – Букојчани, појасни, мора да го пуштиме цел затоа што на другата страна нема каде да се излезе доколку не се сработи комплетно.

Вицепремиерот Николоски го истакна и значењето на овие инфраструктурни проекти за бруто-домашниот производ. – Се гордеам што во третиот квартал минатата година растот во градежништвото беше 21 процент, во четвртиот квартал 16,7 проценти. Очекуваме добри бројки и за првиот квартал оваа година и да продолжи така во следниот период – изјави Николоски. 

На автопатот Гостивар – Букојчани, генерално, остварен е напредок од речиси 60 проценти на работите. Изградени се кампови за привремено сместување и работа со капацитет за повеќе од 1200 лица, база за подготовка на бетон и префабрикување бетонски елементи за објектите, мост на 7. километар од почетокот на трасата, на кој може да се вози по двете коловозни ленти.
Дополнително, се работи на два моста, натпатник, косини и заштита на косините на патот и се поставуваат потпорни гамбионски ѕидови, пропусти и канали. 

За делниците што ги гради „Бехтел и Енка“ од март 2023 до јуни 2024 година реализирани 241,3 милион евра, од кои за градежни работи 19,6 милиони евра. Од јули 2024 до мај 2026 година исплатени се 278,4 милиони евра само за градежни работи.

За делниците од овој проект досега е заврешена експропријација на над 3.000 парцели, од кои 560 до јуни 2024 година, а 2.483 парцели до мај годинава.