Skip to main content
Економија

Николоски: Градежништвото расте со 7,2 проценти, а градбата на патиштата и железницата со 20 проценти во првото тримесечје

04/06/2026  09:58

Градежништвото останува еден од најсилните двигатели на домашната економија, што јасно го потврдуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика за првиот квартал од 2026 година.

Според државната статистика, градежниот сектор во првото тромесечје од оваа година бележи раст од 7,2 проценти во споредба со истиот период минатата година. 

Овие бројки претставуваат силен показател за континуираната градежна активност низ целата држава, како и за успешната реализација на капиталните инвестиции кои се од клучно значење за економскиот развој.

Особено охрабрувачки е фактот што во сегментот на нискоградбата е регистриран двоцифрен раст од над 20 индексни поени. Овој сегмент ги опфаќа инвестициите во изградба на автопати, експресни патишта, регионални и локални патишта, како и железницата, кои Владата преку Министерството за транспорт ги реализира со високо ниво на посветеност и одговорност. 

Растот во нискоградбата е директен резултат на засилените активности на терен и силната динамика со која се реализираат капиталните проекти. 

Автопатиштата на Коридор 8 и 10 д, се градат со силна динамика, а паралелно со тоа се инвестира и во железничката инфраструктура, што претставуваат клучен сегмент за долгорочниот економски развој, регионалното поврзување и зголемувањето на конкурентноста на економијата.

Дополнително, Државниот завод за статистика објави дека стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во првото тримесечје од 2026 година изнесува 3,1 процент. 

Овој резултат претставува јасен показател дека економијата расте, дека инвестициите даваат резултати и дека развојните политики на Владата создаваат реални ефекти во стопанството.

Резултатите што ги објави ДЗС, се потврда дека државата се движи во вистинска насока, градежништвото останува мотор на економскиот развој, а инфраструктурните проекти силно го поддржуваат растот, развојот и креираат подобра иднината на државата.