
Економскиот напредок на Македонија, ефективното владеење на правото и подобрата комуникација со граѓаните биле во фокусот на тридневниот настан, организиран со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“, на кој учествувале членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, министри и заменици-министри од редовите на партијата.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изрази благодарност до Фондацијата „Конрад Аденауер“ за организацијата на настанот, нагласувајќи дека ефективната комуникација е клучна за добро владеење.
Според Николоски, политиките на ВМРО-ДПМНЕ треба јасно да им се претстават на граѓаните, но истовремено е потребна и добра координација меѓу различните структури на партијата – Извршниот комитет, општинските комитети, Унијата на млади сили, Унијата на жени, пратеничката група и Владата.
Тој упати благодарност и до Кристијан Серак, кој учествувал на настанот и одржал обука за присутните.
Николоски оцени дека активностите се дел од настојувањето на ВМРО-ДПМНЕ да ја одржува организациската подготвеност и покрај тоа што партијата е на власт.
„Тоа што сега сме на власт, ја водиме државата, не нè одлепува од партијата. Напротив, посветуваме доста време и енергија на организацијата на партијата“, порача Николоски.

Тој додаде дека во следниот период фокусот ќе биде насочен кон економски напредок на Македонија, ефективно владеење на правото и постигнување нови успеси за државата.


