
Иницијатвиата „Независни за Карпош“ одлучи на претстојните локални избори да излезе со граѓанска листа и да се повлече од процесот за формирање на партија заедни со другите независни иницијативи.
„Остануваме на принципот дека самостојното делување ни овозможува да се прилагодуваме на секојдневните барања и приоритети на граѓаните во нашата општина. Таа флексибилност, која ја сметаме за клучна за нашата ефикасност, е многу потешко остварлива во рамки на поголема група или партија, каде процесот на одлучување е подолг и често ќе бара компромиси на сметка на локалните потреби, се наведува во објавата од Независни за Карпош на Фејсбук, што МИА ја пренесува интегрално. Приклучување кон партија отсекогаш била последната опција за учество на избори, и сè додека постојат други можности со кои ќе ја задржиме нашата независност и принципите на граѓанското работење – ќе ги искористиме тие опции. Конфузијата и неизвесноста за независните иницијативи создадени од партиите нема да нè одвратат од нашата визија и посветеност да понудиме решенија за квалитетен живот на граѓаните на општина Карпош“ велат оттаму.
„Независни за Карпош“ на независните иницијативи што продолжуваат со процесот на заедничко формирање политичка партија Независни заедно и на сите новоформирани партии и независни листи им посакуваат искрен успех, додавајќи дека остануваат отворени за соработка со нив и со сите останати граѓански иницијативи.