Американската пејачка и актерка Мадона на својот Инстаграм профил сподели видео на стори поврзано со студентските протести во Србија.
„Она што медиумите не ви го кажуваат е дека во моментов во Србија се одржува еден од најголемите студентски протести од 1968 година“, се наведува во објавата што ја сподели Мадона.
Во видеото, со снимки од дрон, е наведено дека студентите ги затвориле речиси сите универзитети и дека протестите вклучуваат 24-часовни блокади.
„Луѓето на улиците во Србија бараат системски промени и помалку корупција во владата. Професорите и наставниците им се придружија на студентите во нивните протести, а владата им се заканува со откази. Ова е сериозен проблем. Оваа ситуација мора да стане вирална за да ги поддржиме студентите и народот во Србија. Ние стоиме со Србија“, стои во објавата што ја сподели Мадона.
Снимките од протестите се придружени со нејзиниот познат хит Like a Prayer.