
Иако на делот од улица Македонија – од булевар Свети Кирил и Методиј до улица Даме Груев – јасно е поставен сообраќаен знак за забрането запирање и паркирање, тој очигледно не важи за сите. Граѓаните секојдневно се сведоци на паркирани автомобили од двете страни на улицата, вклучително и владини возила.
Граѓаните реагираат дека улицата често се користи како импровизирана паркинг-зона, и покрај тоа што е дел од активен сообраќајен коридор. Претходно, 24 Инфо објави дека на оваа локација бее паркирани и возила од владината Служба за општи и заеднички работи, препознатливи „шкоди“, кои не само што го прекршуваат законот, туку испраќаат порака дека државниот апарат е над сообраќајните правила.

Најнов случај е забележан вчера, кога службено возило – најверојатно од Министерството за енергетика – било фатено паркирано директно на тротоар, односно на пешачка зона. Ова не е прв случај, а изгледа ниту последен.
Безобразието кулминира денес, кога знакот за забрането паркирање и запирање бил урнат – очигледно за да се „ослободи“ простор за владините возила.

Таквиот однос на институциите ја загрозува безбедноста на сообраќајот, создава гнев кај граѓаните и праќа погрешна порака дека некои се над законот.
24инфо испрати прашања до СОЗР дали ќе се санкционира таквото однесување на возачите на службени возила но до сега нема одговор.