
Ако сонувате за совршен одмор на плажа, новата листа на 50-те најдобри плажи во светот може да ви помогне да ја изберете вашата следна дестинација. Објавена од специјализиран туристички портал, оваа листа ги истакнува највпечатливите песочни раеви ширум светот – од Карибите до Тихиот Океан, од Медитеранот до Индискиот Океан.
На првото место се најде Кала Голорице, магична плажа на италијанскиот остров Сардинија. Со својата недопреност, тиркизно море и околните карпи, Кала Голорице е вистински природен спектакл. Плажата е достапна само пешки или со брод, а бројот на посетители дневно е строго ограничен – што ѝ дава дополнителен шарм и ексклузивност.
Веднаш зад неа, на второто место, се најде Енталула, егзотична плажа на филипинскиот остров Палаван, додека третата позиција ја зазеде Банг Бао во Тајланд – дестинација позната по својот кристално чист залив, бел песок и спокојна атмосфера.
Петтото место го доби грчката плажа Фтери, сместена на островот Кефалонија, која станува сè попопуларна меѓу туристите од Балканот, вклучувајќи и оние од Србија и Македонија. Фтери е ретко откритие – плажа без лежалки, кафулиња или гужви. Може да се стигне само со брод од селото Зола или пеш низ дива природа. Токму нејзината оддалеченост и недопреност ја прават идеално место за бегство од комерцијалниот туризам.
Француска Полинезија го заокружува топ 5 со плажата PK 9, оддалечено парче рај без туристички развој, кое плени со својата природна убавина.
На листата се најдоа и други познати и егзотични плажи како што се: Анс Сурс Д’Аржан на Сејшели, Грејс Беј на Туркс и Каикос, Баија до Санчо во Бразил, Сиеста Бич во САД и Ла Пелоза во Италија.
Грција, освен со Фтери, е застапена уште со две плажи: Вутуми на Антипаксос (16. место) и Порто Кацики на Лефкада (36. место).
Оваа ранг-листа претставува совршена инспирација за оние кои ја планираат својата следна летна авантура – без разлика дали бараат мир и изолација или егзотика и неверојатни погледи.
