Skip to main content
Магазин

Најновиот брз суперкомпјутер „Хантер“ пуштен во употреба во Штутгарт

25/01/2025  08:42

Центарот за пресметување со високи перформанси (ХЛРС), при германскиот Универзитет на Штутгарт, деновиве официјално го пушти во употреба својот најнов суперкомпјутер, наречен „Хантер“. Оваа супермашина е обмислена и произведена од американската компанија „Хјулет Пакард ентерпрајз (ХПЕ)“, за вкупно 15 милиони евра и обезбедува најсовремена инфраструктура за големи симулации, вештачка интелигенција и апликации за брза анализа на податоци во науката, индустријата и јавниот сектор.

Министерството за наука, истражување и уметност на германската покраина Баден-Виртемберг обезбеди половина од финансирањето на проектот, а Сојузното министерство за образование и истражување ја дополни другата половина.

„Хантер“ е замислен и да поддржува одржливост, користејќи 100 отсто ладење без вентилатор, а со директно ладење со течност и уникатен динамичен пристап за ограничување на моќноста за да се постигне максимална брзина и енергетска делотворност. Toa значи – co 80 отсто помалку енергија, новиот суперкомпјутер извршува двојно повеќе функции, пишува порталот „Дигитал ситизен“. Овој суперкомпјутер е создаден како преодна платформа што ќе го подготви теренот за идниот систем „Хердер“, планиран за 2027 година.

„Со капацитет од неколку стотици петафлопи, ‘Хердер’ ќе донесе значителен напредок во споредба со својот претходник, обезбедувајќи ја водечката позиција на Германија во пресметките со високи перформанси и вештачката интелигенција“, соопшти ХЛРС.

Врз основа на енергетски ефикасните единици за забрзана обработка на „АМД Инстинкт“, коишто ги комбинираат главниот процесор и графичките процесори во интегрирана архитектура, „Хантер“ го означува почетокот на новата ера за суперкомпјутерите во Германија. Луѓето кои ќе го користат „Хантер“ ќе имаат можност да решаваат сложени проблеми од областа на инженерството, временските и климатски услови, биомедицински истражувања и науката за материјали, меѓу другото. Системот, исто така, ќе обезбедува пристап до други моќни компјутери со високи перформанси и ресурси за вештачка интелигенција за индустријата и јавните агенции.

Една од целите е и еколошка и економична работа, т.е. одржливост во однос на најновите технологии.

Машината ќе може да врши квинтилион (1018, или 1.000.000.000.000.000.000) операции во една секунда. Ќе користи и софтвер за програмирање на „ХПЕ креј суперкомпјутинг енвајронмент“ што нуди сеопфатен сет алатки за развој, пренесување, дебагирање и оптимизирање апликации во голем обем.