
Најмладиот хоспитализиран пациент со невроинвазивна форма на западнонилска треска во земјава има само 25 години. Тој се наоѓа во стабилна здравствена состојба и се лекува на Одделот за невроинфекции на Клиниката за инфективни болести. Во меѓувреме, шест пациенти се во критична состојба, а викендов е регистриран и трет смртен случај.
Досега во земјава лабораториски се потврдени 35 случаи на западнонилска треска, додека за уште тројца суспектни пациенти се очекуваат резултатите од дијагностиката.
На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 16 пациенти, од кои шестмина се во критична состојба и се сместени на Одделот за интензивна нега. Сите шестмина се на возраст над 60 години.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, информираше дека најмладиот пациент кај кого е регистрирана невроинвазивна форма има 25 години.
„Овие шестмина кои се во критична состојба и се лекуваат во Одделот за интензивна нега се на возраст над 60, но кај инфицирани пациенти со невроинвазивна форма, најмладиот пациент кој е хоспитализиран е 25-годишен, но е во стабилна здравствена состојба и е во Одделот за невроинфекција“, соопшти Цана.
Викендов е регистриран и третиот смртен случај поврзан со западнонилската треска. Станува збор за 61-годишен пациент кој, според здравствените власти, имал сериозни придружни заболувања.
Цана објасни дека околу еден отсто од заболените развиваат невроинвазивна форма на болеста. Меѓу симптомите се висока температура, силна главоболка, закочен врат и дезориентираност.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека за состојбата се известени сите инфективни одделенија и матичните лекари, а за секој пациент се спроведува епидемиолошка анкета со цел да се утврди најверојатното место на заразување.
„Инкубацијата на вирусот е 3 до 14 дена. Сите пациенти се со епидемиолошка анкета и се лоцира дали патувале во странство, дали патувале надвор од местото на живеење внатре во земјата и каде се движеле“, изјави Клековски.
Според него, дел од пациентите имаат адреси во урбани средини, но во периодот кога најверојатно дошло до инфекцијата престојувале и во викендички или на други локации. Поради тоа, мерките се насочуваат кон подрачјата каде што се проценува дека најверојатно дошло до заразувањето.
Како една од најважните мерки останува личната заштита од убоди од комарци, како и отстранувањето на застоената вода од дворовите и непосредната околина. Жителите на општините во кои е прогласена епидемија ќе добијат и СМС-пораки со конкретни препораки подготвени од Институтот за јавно здравје.
Здравствените власти најавуваат и засилено таргетирано прскање против комарци од земја, откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил проверки во сите скопски општини.
„Сметаме дека поефективно е таргетирано прскање, отколку со аеро. Аеропрскањата ќе се прават согласно плановите“, рече Клековски, додавајќи дека препаратите што се користат се одобрени од Светската здравствена организација.
Надлежните предупредуваат на зголемена претпазливост во август и септември, период кога ваквите епидемии вообичаено го достигнуваат својот врв. Паралелно се врши мониторинг на дивите птици и живината, а граѓаните се повикуваат евентуалните случаи на угинати птици да ги пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство.

