Skip to main content
Економија, Македонија

Најмладиот милионер во Македонија има само четири години, најстариот 97

21/10/2026  16:50

Четиригодишно дете со приход од 3,1 милион денари и 97-годишен пензионер се меѓу граѓаните со милионски приходи во Македонија во 2025 година, покажуваат најновите податоци на Управата за јавни приходи (УЈП).

Според годишната анализа на УЈП, најмладиот граѓанин со милионски приход има само четири години, а парите ги добил преку дивиденда. Највозрасниот милионер, пак, има 97 години, а неговите приходи потекнуваат од пензија и други извори.

Највисокиот пријавен доход во земјава достигнал дури 257,5 милиони денари, односно околу 4,2 милиони евра. Станува збор за жител на Гевгелија, кој парите ги остварил преку плата, дивиденда и други исплати од една компанија.

Веднаш зад него е жител на Охрид, кој во текот на 2025 година пријавил вкупен доход од 254,4 милиони денари, односно околу 4,1 милион евра.

Податоците покажуваат и зголемување на бројот на даночни пријави. Во 2025 година биле поднесени вкупно 863.100 пријави, што претставува раст од 10,6 проценти во споредба со претходната година.

Најмногу пријави биле поднесени во Скопје, а потоа следуваат Штип, Прилеп, Битола, Тетово и Струмица.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, на брифинг со новинарите истакнала дека за да се добие реална слика за приходите на граѓаните, потребно е да се земат предвид сите извори на доход, а не само платите.

Анализата покажува дека милионските приходи не се поврзани исклучиво со редовните месечни заработки, туку и со дивиденди и други извори на приходи.