
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вечерва во интервју за ТВ „24“ рече дека е пронајден тефтерот на сопственикот на изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов-Деко, во кој пишува кому сè тој му плаќал мито.
„На таа околност уште првиот ден овој осомничен беше распрашан и даде доста битни и релевантни факти на начин на кој ги обезбедувал лиценците. И тоа ќе се разјасни, но сите тие околности, да почекаме уште 15 дена. Имаме сè што е потребно за утврдување на негова одговорност. За сите лица кои тој ги посочи и за нивните дејствија, ние се водевме по тоа во текот на постапката и се утврдија некои работи за кои јавноста ќе биде запознаена со подигање на обвинение. Има и материјални докази и вештачења, има вештачења од финансиската полиција и се утврди дека има ситуација што оди во корист на Обвинителството“, рече Коцевски во емисијата „24 анализа“.
Тој откри и дека поради тешката здравствена состојба на членот на групата ДНК која настапуваше кобната вечер во дискотеката „Пулс“, Владимир Блажев-Панчо, кој е осомничен за пиротехниката од која настана трагичниот пожар, против него во моментов нема да се води постапка.
„Има одредени лица коишто се во тешка здравствена состојба и со консултација со лекарите за нив во моментов е одлучено дека не се во состојба за нив да се води постапка ниту да дадат изјава, за жал“, рече државниот јавен обвинител.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62-ца млади луѓе, а околу 200 беа повредени.