Skip to main content
Свет

Најавени две нови иницијативи во ЕП за изгласување недоверба на Еврокомисијата 

04/09/2025  19:41

Француски европратеници од редовите на екстремната левица и екстремната десница најавија две одвоени иницијативи во Европскиот парламент за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен. 

Ко-претседателката на пратеничката група Левица во Европарламентот, Манон Обри, која доаѓа од редовите на француската екстремно левичарска партија Непокорна Франција (ЛФИ) соопшти дека иницирале собирање потписи за изгласување недоверба на Еврокомисијата, поради трговските договори со САД и со Меркосур, начинот на справување со случувањата во Појасот Газа и напуштање на основите на Европскиот зелен договор.   

Во иницијативата се наведува дека Комисијата без добиен мандат прифатила Договор меѓу ЕУ и САД кој е „штетен за европските интереси“ и покажува „демократски дефицит“ со тоа што се обидува да ги исклучи националните парламенти од процесот на ратификација на Договорот со Меркосур, со кој се ризикува „европските земјоделци и работници да бидат изложени на нелојална конкуренција и да бидат поткопани климатските цели на ЕУ“. 

Дополнително според иницијаторите, Европската комисија го игнорира кршењето на меѓународното право од страна на Израел во Газа, каде што „израелската Влада користи глад, уништување на инфраструктурата и неселективни напади, што претставуваат геноцид“. 

– ЕУ не успеа да го суспендира Договорот меѓу ЕУ и Израел или да воведе санкции, за разлика од мерките преземени против Русија, се вели во предлогот. 

На Комисијата со иницијативата и се припишува и „неспособност и неподготвеност“ за справување со социјалните и климатските кризи и „ослабување или напуштање на основните елементи на Зелениот договор“. 

Паралелно со овој предлог, лидерката на францускиот десничарски Национален собир, Марин Ле Пен најави иницијатива за изгласување недоверба на Европската комисија поради нејзината вчерашна одлука да му предложи на Советот на ЕУ усвојување на трговскиот договор со Меркосур. 

– Европската комисија го одобри Договорот со Меркосур, кој, доколку се спроведе, би имал катастрофални последици по француското земјоделство. Нашите европратеници следната недела ќе поднесат предлог за изгласување недоверба на Урсула фон дер Лајен, наведе Ле Пен во објава на Икс. 

Таа воедно го повика претседателот на Франција, Емануел Макрон „да се обврзе пред францускиот народ дека ќе одбие да го спроведе Договорот, кој е во спротивност со интересите на нашата нација“.  

– Ова ќе биде момент на вистината за францускиот народ и сите ќе можат да видат кој навистина ги брани нашите земјоделци, додаде Ле Пен. 

Најавените иницијативи на француските европратеници во Брисел, пред се, се оценуваат како претстава за публиката во Франција во пресрет на гласањето доверба на Владата во Париз идната недела и можното одржување предвремени парламентарни избори во земјата. 

Најавите доаѓаат во пресрет на првото пленарно заседание на Европарламентот по летните одмори, закажано за следната недела, во чии рамки Фон дер Лајен треба да го одржи традиционалното годишно обраќање пред европратениците познато како „Состојбата на Унијата“.

Овие иницијативи за недоверба, следуваат по неуспешниот обид за соборување на Еврокомисијата предложен од романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа, кој не доби поддршка во Европскиот парламент при гласањето во јули годинава. Се очекува идентично да поминат и евентуалните две нови иницијативи.