
Над еден милион луѓе низ цела Франција учествуваа денеска на демонстрациите организирани од осум француски синдикати во обид да влијаат врз новиот премиер и неговите буџетски одлуки, соопшти синдиокатот Се-Же-Те (CGT), еден од двата главни синдикати.
Овој број е поголем од оние што излегоа за време на последните големи демонстрации против пензиската реформа во јуни 2023 година, кога, според истиот синдикат, се собраа 900.000 луѓе.
Властите сè уште не објавија информации за бројот на луѓе на демонстрациите.
Американските медиуми наведуваат дека во текот на денот беа организирани штрајкови во сообраќајот, што влијаеја на работата на метрото во Париз, забавување на сообраќајот и блокади во знак на протест против владата на претседателот Емануел Макрон и нејзиниот предлог за намалување на финансирањето на јавните услуги, кои го поддржуваат францускиот начин на живот.
Првиот солзавец се слушна уште пред зори, во судирите меѓу полицијата во опрема за немири и демонстрантите во Париз.
Низ цела Франција, за денеска беа најавени 250 собири како дел од граѓанската акција „Блокирај сè“ започната на социјалните мрежи, додека синдикатите најавија „црн ден“ со штрајкови, нарушена работа во училиштата и во сообраќајот.
Се очекуваше стотици илјади луѓе да бидат мобилизирани за да го изразат гневот поради растечката сиромаштија, проширувањето на нееднаквоста и тешкотиите на работниците со ниски плати да врзат крај со крај.