
На Плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска свечено ќе бидат отворени „Плазма – Спортските игри за млади“ на кои ќе учествуваат над 27.000 деца од целата држава.
Игрите опфаќаат разни спортски дисциплини и ќе се реализираат преку натпревари на локално, регионално и државно ниво. Најуспешните млади спортисти ќе обезбедат пласман на меѓународното финале во Сплит, каде што е се натпреваруваат со врсници од регионот.
Со тоа, како што нагласуваат организиторите, Македонија првпат станува дел од едно од најголемите аматерски спортски движења за деца во Европа.
На отворањето на Спортските игри ќе присуствуваат и ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски, министерот Борко Ристовски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, претседателот на Плазма спортските игри за млади Здравко Мариќ и претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија Елена Мицковска.
Свечениот почеток на „Плазма – Спортските игри за млади“ ќе биде симболично означен со палење на пламенот на плоштадот „Македонија“.



