Skip to main content
Македонија

Нацев: Не сум сопственик на „Рубикон“, ова е политички конструиран случај

25/12/2025  12:00

По воведниот говор на одбраната, пред судот се обрати и Александар Нацев, кој во емотивен и остар настап ги отфрли сите обвинувања дека е реален, односно неформален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“. Тој ја обвини државата дека преку обвинението се обидува да ја префрли вината врз поединци, со цел да се прикрие одговорноста на институциите задолжени за превенција, надзор и контрола.

Нацев истакна дека подолг временски период е изложен на политизирани клевети и навреди, при што, како што рече, во јавноста континуирано се нарушува презумпцијата на невиност. Според него, обвинението претставува грубо извртување и злоупотреба на Законот за приватно обезбедување, при што одредени законски одредби се толкуваат малициозно за да се оправда тезата на Обвинителството.

„Пренасочувањето на одговорноста која ја имаат државните органи задолжени за превенција, надзор и контрола кон припадниците на обезбедувањето е само уште еден чекор за префрлање на вината“, изјави Нацев пред судот.

Тој остро ја критикуваше и конструкцијата на случајот, правејќи споредба со дистописките дела на писателот Џорџ Орвел, оценувајќи дека јавноста се соочува со искривена слика за настаните. Нацев најави дека во текот на судската постапка ќе презентира непобитни докази со кои ќе докаже дека не постои никаква причинско-последична врска меѓу него и трагедијата во кабарето „Пулс“.

„Ќе го укажеме отсуството на било каква вина кај мене или каузална поврзаност со трагичниот настан, за време на чие случување јас воопшто не бев ни присутен во државата“, рече Нацев во своето обраќање.

Клучниот аргумент на одбраната, како на Александар Нацев, така и на обвинетите правни лица „ММММ КАФЕ“ ДООЕЛ Кочани и „Рубикон секјурити солушнс“, е непостоењето на писмен договор за физичко обезбедување помеѓу агенцијата „Рубикон“ и кабарето „Пулс“. Според одбраната, без ваков договор не може да се утврдува одговорност за непочитување на безбедносни протоколи.

Адвокатот потенцираше дека во конкретниот случај „Рубикон“ имал улога исклучиво на оператор на услуги, без договорно утврдени обврски за физичко обезбедување.

„Да било побарано патролно обезбедување, тоа ќе било обезбедено, но обвинетиот не може да се товари за неисполнување на обврски кои ниту законски, ниту договорно постоеле“, истакна одбраната.

Судскиот процес продолжува со изведување докази и сослушување на сведоци, по што ќе стане појасно како судот ќе се произнесе по наводите на обвинението и аргументите на одбраната.