Skip to main content
Македонија

На „Вардариште“ живеат над 200 лица, Тошковски вели потребен е системски пристап

15/09/2025  14:07

Во рамките на нелегалната депонија Вардариште, за жал, егзистираат повеќе од 200 лица.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека се работи за предизвик кој датира многу години наназад и дека за негово конечно разрешување потребен е систематски, длабински и мултиинституционален пристап, што, за жал, не е возможно да се оствари за краток временски период.

Одговарајќи на прашања од новинарите по јавното уништување на запленети наркотични супстанци и оружје во комплексот на фабриката „Макстил“, Тошковски, во однос на пожарот во Вардариште и евентуалното планирање 24-часовна контрола на локацијата, рече дека ова е проблем кој се акумулирал со години и дека додека не се реши судбината на тие луѓе, каде да се преместат и како да им се помогне, овој проблем ќе продолжи да се појавува.

„Во рамки на дивата депонија Вардариште, за жал, живеат негде над 200 луѓе. Замислете, во депонијата, среде депонија живеат 200 луѓе. Тоа е страшно од секој аспект.“

„Индициите се дека потпалувањата, кои што ги имаме таму се сторени од мал дел од тие луѓе што живеат таму. Но, ние не можеме да го ограничиме правото на пристап до живеалиште, кое што го имаат.“

„Не можеме да спречиме тие луѓе да влегуваат и излегуваат од овој периметар што го имаат. Овој проблем е таложен со години и не можеме да го решиме преку ноќ.“

Тој додаде дека е потребно системско решение, на тие луѓе да им се пронајде соодветно место за живеење и да бидат дислоцирани од таму.

„Таму треба системско решение, на тие луѓе треба да им се најде соодвтено место на живеење, да бидат дислоцирани од таму. Тој простор треба соодветно да се исчисти, тој отпад од таму да се подигне и однесе на друга соодветна локација за дислоцирање на таков тип на отпад, па потоа соодветно да се стави во рамки на оние надлежности кои што треба да биде ставен, а тоа не е надлежност на МВР“, изјави Тошковски.

За конечно надминување на предизвикот, не само со Вардариште, туку и со сите диви депонии, Тошковски нагласи дека е потребен поширок и сеопфатен институционален пристап, што, како што рече, не е изводливо за еден или два месеци.

„Овој проблем го имало многу години наназад. Согласно податоците кои што ги добив, со сигурност го имало 2021, 22, 23 и 24, и еве го имаме и 2025 година. Мораме системски, темелно, мултиинституционално да го решиме и треба да биде фокус, но фокус во оваа држава треба да бидат многу работи. И се, не дека не се, на оваа Влада“, заклучи Тошковски.