Skip to main content
Скопје

МЖСПП: Освен во Лисиче и Центар, во Скопје нема сериозни надминувања на загадувањето

12/09/2025  20:50

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје е во рамките на граничните вредности, со исклучок на мали надминувања на среднодневната вредност за честичките ПМ 10 на мерните станици во Лисиче и Центар.

Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух (ДАМСКАВ), во периодот од 10 до 12 септември, нема регистрирани надминувања за сулфур диоксид, азот диоксид, јаглерод моноксид и озон.

Надминувања на ПМ 10 честички, како што велат од МЖСПП, имало на мерно место во Лисиче.

„На 10 септември е забележано надминување на среднодневната гранична вредност од 50 микрограми на кубен метар со измерена концентрација од 55,93 микрограми на кубен метар на мерно место во Лисиче“,
велат од Министерството.
Повисоките вредности се регистрирани во вечерните и ноќните часови во периодот меѓу 19 и 2 часот.

На мерно место во Центар, од МЖСПП велат дека на 11 септември било забележано благо надминување со концентрација од 50,41 микрограми на кубен метар.

„Воопшто, часовните концентрации на ПМ 10 честичките се релативно ниски на повеќето мерни места во Скопје, со исклучок на Лисиче, каде што се забележани повисоки вредности во ноќните и утринските часови, додека попладне концентрациите се пониски“,соопшти попладнево МЖСПП.