Skip to main content
Македонија

МВР учествуваше во меѓународна операција за сузбивање на онлајн измами и перење пари координирана од Интерпол

10/07/2026  13:10

Министерството за внатрешни работи, преку Секторот за компјутерски криминал во содејство со Секторот за меѓународна полициска соработка учествуваше во меѓународната операција „FIRSTLIGHT 2026“ за сузбивање на онлајн измами и перење пари координирана од Интерпол, која се реализираше во периодот од 15.01.-30.04.2026. Во операцијата учествуваа надлежни институции од 97 држави и територии, со заедничка цел откривање и сузбивање на измами со модус социјален инженеринг и поврзани активности на перење пари.

Измамите засновани на социјален инженеринг претставуваат облик на криминал при кој сторителите ја злоупотребуваат довербата на граѓаните и правните лица со цел незаконско стекнување парични средства или доверливи информации. Во оваа категорија спаѓаат измами преку компромитирање на службена електронска пошта (business e-mail compromise), инвестициски измами, романтични измами, измами со лажно претставување, сексуална уцена (sextortion) и други форми на онлајн измами.

Во рамките на операцијата на глобално ниво беа спроведени интензивни активности за размена на оперативни и разузнавачки информации, претреси на локации, блокирање и замрзнување на банкарски сметки и виртуелни паричници, како и користење на механизмите на Интерпол за брзо запирање на незаконски финансиски трансакции.

На глобално ниво, операцијата резултираше со:

· лишување од слобода на 5.811 лица;

· идентификација на повеќе од 142.000 жртви;

· анализа на 152.808 случаи;

· решавање на 23.715 случаи;

· идентификација на 15.606 осомничени лица;

· блокирање на 31.014 банкарски сметки;

· пресретнување на околу 293 милиони американски долари незаконски стекнати средства;

· издавање на 99 известувања и дифузии преку Интерпол.

Учеството на Министерството за внатрешни работи во оваа глобална операција уште еднаш ја потврдува важноста на меѓународната полициска соработка во борбата против сајбер-криминалот, финансискиот криминал и транснационалните организирани криминални групи. Министерството ќе продолжи активно да соработува со Интерпол и меѓународните партнери во откривањето, спречувањето и гонењето на сторителите на онлајн измами и заштитата на граѓаните од пософистицираните облици на дигитален криминал.