Skip to main content
Македонија

МВР со засилување – 120 млади полицајци започнуваат со работа во Скопје

24/12/2025  19:11

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ја посети Полициската станица од општа надлежност Бит Пазар, каде што им беа врачени решенија за вработување на новите полициски службеници кои успешно го завршија приправничкиот стаж.

Станува збор за вкупно 120 млади полицајци кои се распоредени во рамките на СВР Скопје и со тоа започнуваат ново, но и одговорно поглавје во својата професионална кариера, ставајќи се во служба на безбедноста на граѓаните и државата.

Министерот Тошковски им честиташе за изборот на полициската професија, нагласувајќи дека таа не е лесна, но е чесна и благородна, бидејќи подразбира секојдневна грижа за јавниот ред, мир и сигурност.

„Полициската униформа не е само работно место, туку повик што бара пожртвуваност, интегритет и храброст, но носи и голема одговорност“, истакна Тошковски.

Тој порача дека раководството на Министерството за внатрешни работи останува цврсто посветено на создавање подобри услови за работа, континуирана обука и јасна институционална поддршка, со цел полициските службеници да располагаат со знаење, соодветна опрема и мотивација за професионално извршување на задачите.

„Безбедноста на граѓаните е и ќе остане наш врвен приоритет“, потенцираше министерот.