Skip to main content
Македонија

Муртезани во Брисел на средба со известувачот за Северна Македонија, Вајц 

12/05/2025  13:31

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Брисел оствари средба со европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент,  Томас Вајц, која следи по конструктивниот и отворен дијалог воспоставен при нивната неодамнешна средба во Скопје, којашто пак постави основа за понатамошно продлабочување на парламентарната соработка и политичката координација во насока на поддршка на европската интеграција на Северна Македонија.

Во контекст на актуелните политички и регионални предизвици, Муртезани ја потенцираше подготвеноста на Владата за интензивирање на реформскиот процес, како и за одржување на отворен и инклузивен дијалог во земјата, со цел градење поширока поддршка за реализација на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија. Притоа, беше потенцирано дека процесот на уставни измени, иако комплексен, останува неопходен чекор на европскиот пат, кој бара одговорен пристап и обединување околу заедничката визија за европската иднина.

Европратеникот Вајц ја реафирмираше својата лична и институционална посветеност на поддршката на Северна Македонија на европскиот пат и ја поздрави конструктивната улога на Северна Македонија во регионалната соработка и нејзината активна вклученост во европските иницијативи, нагласувајќи ја нејзината важност како стабилен партнер на Европската Унија. Соговорниците ја реафирмираа заемната подготвеност за продолжување на интензивната комуникација и за координирани активности кои ќе придонесат за понатамошен напредок во пристапниот процес, во духот на заемно разбирање, доверба и европска солидарност.