
Жозе Мурињо e казнет со четири натпревари суспензија поради расизам. Инцидентот кој се случи на дербито меѓу Фенербахче и Галатасарај во 25. коло во турскиот шампионат, денеска доби епилог.
По натпреварот, главниот тренер на Фенербахче изјави дека замените и тренерите на Галатасарај „скокаат како мајмуни“. Клубот го обвини за расизам и најави жалба и до ФИФА и УЕФА.
Мурињо беше огорчен од обвинувањата и размислува за контра-правна постапка. Дури и Фенербахче најави дека ќе го тужи Галатасарај.
„Се обидоа да манипулираат со зборовите на Жозе. Ова е одвратно“, велат од Фенербахче.
Турската фудбалска федерација го суспендираше Мурињо на четири натпревари, од кои два меча суспензија се за расистички изјави, а два поради навредлива забелешка упатена кон четвртиот судија.
Доколку казната не биде намалена, „Специјалниот“ нема да може да го води тимот на Фенербахче на натпреварите против Анталијаспор, Самсунспор, Бодрум и Трабзонспор.