Skip to main content
Македонија

Муцунски учествува на Комитетот на министрите на Советот на Европа

14/05/2025  14:27

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, отпатува за Луксембург, каде учествуваше и се обрати на 134-та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа. На сесијата учествуваа министри за надворешни работи на земјите членки и високи претставници на Организацијата.

Состанокот се одржа во контекст на актуелните геополитички предизвици, со фокус на поддршката за Украина, улогата на Советот на Европа во заштита на демократијата и човековите права, како и на натамошното зајакнување на европската соработка. Акцент во разговорите беше ставен и на новиот Демократски пакт за Европа и можностите за развивање на поинклузивна и поотпорна демократија.

Разменети беа мислења и за имплементацијата на Декларацијата од Самитот во Рејкјавик, за соработката меѓу Советот на Европа и Европската унија, како и за прашања поврзани со заштитата на животната средина од перспектива на човековите права. На маргините од состанокот, Северна Македонија ја потпиша Меѓународната конвенција за заштита на професијата адвокат, а во рамки на сесијата беше извршена и примопредавањето на шестмесечното претседавање со Комитетот на министри од Луксембург на Малта.

На маргините на сесијата, министерот Муцунски оствари и билатерална средба со министерот за надворешни работи на Ерменија, Арарат Мирзојан. Разговорот беше фокусиран на билатералните односи меѓу двете земји, како и на актуелните геополитички случувања.