
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше и се обрати на 14. Пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир (IPTP), што се одржа во Собранието на Република Северна Македонија. Настанот ги обедини парламентарци, дипломати и претставници на меѓународни организации посветени на промоцијата на толеранцијата, дијалогот и мирот.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека во време на војни, поделби, дезинформации и растечка недоверба меѓу народите, потребата од дијалог и соработка е поголема од кога било.
„Мирот не е случајност. Мирот не е пауза меѓу две кризи. Мирот е избор. И тој избор мора да се прави секој ден – во институциите, во парламентите, во владите, во училиштата, во медиумите, но и во секојдневниот говор меѓу луѓето”, нагласи Муцунски.
Осврнувајќи се на улогата на парламентите, тој истакна дека тие се домови на демократијата и огледало на општеството, каде што преку почитување на различностите, дијалог и компромис се градат политики што ја обликуваат иднината на граѓаните. Притоа, ја нагласи важноста на парламентарната дипломатија како инструмент за градење доверба, намалување на тензии и отворање простор за соработка.
Министерот посочи дека толеранцијата не претставува слабост, туку сила што бара зрелост, самодоверба и храброст, истакнувајќи ја важноста од почитувањето на меѓународното право како предуслов за доверба, стабилност и мир.
Во обраќањето беше нагласена и посветеноста на Северна Македонија кон добрососедските односи, регионалната соработка и мултилатерализмот, како реални предуслови за стабилност, развој и европска иднина.
„Не може да има вистинска безбедност без доверба во институциите. Не може да има вистинска стабилност без владеење на правото. Не може да има вистински мир ако достоинството на човекот не е заштитено”, истакна министерот Муцунски.
Тој порача дека толеранцијата не смее да остане само декларативна вредност, туку мора да стане дел од јавните политики, образованието, институционалната култура и секојдневната комуникација, нагласувајќи ја одговорноста на политичките лидери да градат доверба, да го намалуваат општественото поларизирање и да промовираат култура на дијалог и почитување.
На крајот од своето обраќање, министерот изрази уверување дека пленарната сесија во Скопје ќе даде значаен придонес кон зајакнувањето на меѓународната соработка и промоцијата на толеранцијата и мирот, потенцирајќи дека „иднината не може да се гради врз омраза, туку врз дијалог, солидарност и меѓусебно почитување”.
Во рамки на настанот, министерот Муцунски оствари средба и со претседателот на Глобалниот совет за толеранција и мир (GCTP), Ахмед бин Мохамед Алџарван. На средбата беа разменети мислења за актуелните меѓународни предизвици и можностите за унапредување на соработката во промовирањето на мирот, толеранцијата, меѓукултурниот дијалог и меѓусебното разбирање како основни предуслови за стабилен и одржлив развој.



