Skip to main content
Македонија

Мрежа за заштита од дискриминација: Насилството во Собранието станува модел за булинг 

17/07/2026  13:52

Мрежата за заштита од дискриминација најостро го осудува засилувањето на навредливиот и насилнички говор, како и насилството врз жените во политиката во Собранието.

Во време кога јавноста речиси секојдневно сведочи на булинг, физичко насилство, понижување и суровост меѓу децата и младите, секој што ја користи собраниската говорница мора да биде свесен за тежината на својата функција. Пратениците, министрите и другите носители на јавни функции не се само учесници во политичка пресметка – тие се јавни модели чие однесување децата го гледаат, го усвојуваат и го повторуваат.

Децата не учат само од она што им го зборуваме, туку многу повеќе од она што го гледаат. Кога во законодавниот дом како највисока институција во државата гледаат навреди, викање, закани, понижување и агресија без одговорност и последици, тие добиваат јасна порака дека насилството е дозволен начин за стекнување моќ, внимание и надмоќ над другиот.

Затоа, да не се чудиме кога истите модели ќе ги препознаеме во училишните ходници, на игралиштата и на социјалните мрежи. Да не ги бараме причините за булингот само кај децата, семејствата и училиштата, додека најмоќните возрасни лица во државата јавно демонстрираат дека оној што е погласен, поагресивен и побрутален може да го замолчи и понижи другиот.

Ако насилството во Собранието се прифаќа, премолчува или релативизира, тогаш какво однесување очекуваме од децата? Институциите го губат легитимитетот  да бараат ненасилство од младите доколку самите го произведуваат, нормализираат и легитимираат насилството.

Особено загрижува употребата на родово понижувачки квалификации кон жените во политиката – но и фактот што таквиот јазик го употребуваат и жените.

Феминистичките организации со децении се бореа за повеќе жени во Собранието, Владата и на другите места на одлучување. Се бореа жените да бидат гласот на оние што се исклучени, да ги застапуваат потребите на сите жени и да внесат повеќе еднаквост, солидарност и одговорност во политиката. Не се бориме жените да добијат место во институциите за да го преземат најлошото од шовинистичката политичка култура и да го насочат кон други жени.

Поголемата застапеност на жените не е само прашање на бројки. Таа треба да значи и поинаква политичка практика. Партиската припадност не може да биде оправдување за отсуство на женска солидарност и за учество во јавното понижување на жените.

Потсетуваме дека Собранието пред само неколку дена го промовираше новиот Кодекс за етичко однесување како „темел на новата парламентарна култура”. Кодексот бара заемно почитување, аргументирана дебата и личен пример, забранува шовинистички јазик и обврзува говорот да не предизвикува омраза, нетрпеливост или насилство, вклучително и врз родова основа.

Однесувањето што го сведочиме е во директна спротивност со принципите со кои Собранието јавно се пофали.

Граѓаните не го бираат и не го плаќаат Собранието за да гледаат навреди, закани и лични пресметки. Тие имаат право на институција во која различните политички ставови ќе се судираат со аргументи, а достоинството на секој човек ќе биде заштитено.

Од сите избрани и именувани функционери, а особено од раководството на Собранието, бараме да бидат достоинствени претставници на граѓаните и да го сочуваат угледот на институцијата што се нарекува дом на граѓаните.

Етичкиот кодекс не смее да биде уште еден документ за промоција и фотографирање. Дигнитетот на Собранието не се брани со свечени говори, туку со одговорност, постапување и последици за оние што го погазуваат.