Skip to main content
Македонија

МОН: Младите во Македонија не ја менуваат перцепцијата за тутунот

18/12/2025  17:15

Во македонскиот образовен систем одамна постои механизам за превенција од употреба на психоактивни супстанци, но тој треба постојано да се прилагодува на новите трендови – намалена употреба на тутун, но зголемена на електронски цигари, истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска.

На денешната прес-конференција во Институтот за јавно здравје, каде беше презентиран извештајот на Европскиот проект за истражување во училиштата (ЕСПАД) од 2024 година, Јаневска нагласи дека извештајот содржи препораки за идните политики за зголемување на свеста кај младите за штетноста на психоактивните супстанци.

„Темите за здравје се вклучени во редовната настава, особено во природните науки, а од оваа учебна година воведовме и изборен предмет ‘Учам за моето здравје’ за седмо одделение, со поддршка од Светската здравствена организација“, рече министерката.

Таа информираше дека законските измени на почетокот на годината ја задолжуваат секоја основна и средна школа да спроведува програми за превенција од злоупотреба на алкохол, тутун и други психоактивни супстанци, покрај веќе постоечките активности за спречување на насилство и дискриминација. „Во соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, спроведовме обуки за наставници во 50 основни училишта ширум земјата, кои ќе ја реализираат програмата ‘Вештини за адолесценција’.

Целта е младите да научат да прават здрави избори и да не подлегнуваат на врснички притисок“, додаде Јаневска. Министерката нагласи дека институциите ќе продолжат да работат на заштита на здравјето на новите генерации, преку соработка со сите релевантни чинители и креирање на ефикасни превентивни политики. Истражувањето ЕСПАД, кое се спроведува во Македонија од 1995 година, опфати 2831 ученик од 96 средни училишта во 2024 година, со речиси изедначен број момчиња и девојчиња.