Skip to main content
Култура

МНТ со „Страв и надеж“ на јубилејниот 60-ти фестивал „Војдан Чернодрински“

10/06/2026  11:13

Македонскиот народен театар утре ќе настапи на јубилејното 60-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп со претставата „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат.

Претставата е дел од официјалната селекција на фестивалот, кој важи за еден од најзначајните театарски настани во земјава и регионот, а годинава одбележува шест децении постоење.

„Страв и надеж“ е современа сценска приказна која ги обработува стравовите, осаменоста и неизвесноста на современиот човек, поставувајќи го дејството во денешен контекст обележан со војни, економска несигурност и криза на хуманистичките вредности. Инспирирана од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец, претставата тематски кореспондира со Орвеловата „1984“, отворајќи прашања за опстанокот и човековата ранливост.

Претставата се состои од петнаесет сцени во кои ликовите се соочуваат со клучни животни моменти, преку кои се испреплетуваат хумористични и трагични ситуации.

Во актерската екипа настапуваат Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Лола Кукла, Дамјан Цветановски и Нела Павловска, со музичка поддршка од Зоран Станишиќ, Стефан Котевски, Никола Соколовски и Милена Наумовска.

По фестивалската изведба, „Страв и надеж“ повторно ќе биде поставена на сцената на Македонскиот народен театар на 17 јуни со почеток во 20 часот.