Skip to main content
Македонија

МНР: Бугарија не може да ја префрла одговорноста за неисполнетите обврски врз Македонија

13/03/2025  14:09

Македонското Министерство за надворешни работи реагираше на изјавите од бугарското МНР во врска со ставовите на премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека Република Северна Македонија останува посветена на владеењето на правото и почитувањето на човековите права.

„Со жалење констатираме дека нашиот сосед повторно се обидува одговорноста за неисполнувањето на нивните меѓународни обврски да ја префрли врз нашата држава“, се вели во реакцијата на македонското МНР.

Оттаму истакнуваат дека спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) е обврска на секоја земја-членка на Советот на Европа и дека не може да се користи како билатерално прашање. Министерството потенцира дека Северна Македонија нема да прифати негирање или релативизирање на човековите права, вклучително и правата на македонското малцинство во Бугарија.

Дополнително, од МНР нагласуваат дека земјата останува максимално посветена на европската интеграција и дека политиката на условувања од страна на Бугарија претставува непринципиелна пречка на тој пат.

„Очекуваме конструктивен пристап и од страна на Република Бугарија, заснован на целосно почитување на Повелбата на ОН и правилата на меѓународното право, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните на двете земји и на регионалниот мир, стабилност и европската перспектива“, се додава во соопштението на македонското МНР.