Skip to main content
Македонија

Мнозинството граѓани сметаат дека религијата влијае врз политичките процеси

11/12/2025  11:47

Предизборната кампања за локалните избори не помина без употребата на религијата и религиските чувства на граѓаните, со цел привлекување повеќе гласови на изборите. Ова го покажува последното истражување „Религијата во политичките кампањи“ спроведено од страна на Институтот за политички истражувања-Скопје (ИПИС), интернет порталот Религија.мк и фондацијата Конрад Аденауер (КАС).

Речиси секој трет испитаник одговорил дека религијата била користена или дека била донекаде користена во функција на предизборно прибирање гласови. Иако е сè уште релативно висок процентот на испитаници кои сметаат дека религијата е употребена во кампањата за последните избори, сепак од споредбените податоци со истражувањата од претходно, може да се забележи тренд на намалување на овој процес.  За разлика од партиите, кои ја користат религијата во предизборни кампањи, слично како и во претходните истражувања, само кај релативно мал дел од граѓаните користењето на религијата во кампањата имало влијание во нивниот избор за кого би гласале. Високи 75% одговориле дека религијата немала улога во нивниот избор, додека кај 16% таа имала влијание.

Истражувањето покажува дека најголема употреба на религијата во политичкките кампањи, кај македонскиот блок е забележлива кај ВМРО-ДПМНЕ со средна оценка 2.34 (5 највисока за користење), кај СДСМ 1.84 а најмала употреба на религијата е евидентирана кај Левица со средна оценка од 1.74. Кај албанските партии пак е измерена повисока употреба на религијата во предизборни кампањи, каде ДУИ има средна оценка 2.73, а ВРЕДИ 2.65. Вкупната средна оценка на граѓаните за употребата на релгијата и религиозните чувства во предизборната кампања од страна на независните кандидати на последните локални избори е 1.9.

Една од најчестите форми на комбинирање политика и религија, што беше забележана на последните локални избори е барањето на дел учесници во кампањата, благослови од верските претставници. Сепак истражувањето покажува дега огромен број граѓани таквите постапки не ги одобруваат. 64.2% од испитаниците одговориле дека за нив е неприфатливо такво барање, а 21.1% на тоа гледаат позитивно.

Граѓаните се против користењето на религија и религиозни симболи во политичка кампања. Таков став делат 68.3% испитаници.

Повеќе од половината македонски граѓани би гласале за политичар со различна вероисповед од нивната, иако за голем број граѓани конфесијата кон која припаѓаат одредени политичари се уште има одлучувачка улога во поддршката кон одредена политичка опција која тие ја претставуваат.

Сепак, висок останува процентот на испитаници кои сметаат дека религијата има влијание врз политичките процеси во општетството. Со Да и со Донекаде Да одговориле 50% анкетирани, иако треба да се напомене дека има одредено намалување кај овие перцепции споредено со претходните истражувања.

24.3% испитаници сметаат дека верските заедници на овие локални избори фаворизирале одредена партија, додека 33,9% не препознале такво нешто. На дополнителното прашање Која? за оние кои одговориле потврдно, 27.4% сметаат дека била фаворизирана ВМРО ДПМНЕ, 26.3% ДУИ, 21.2% ВРЕДИ и само 1.1% дека била фаворизирана СДСМ.

Истражувањето е направено по завршувањето на локалните избори, во ноември 2025 година. Во ова истражување беа вклучени 1128 испитаници со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики како пол, возраст, професија и образование. Стратификацијата е соодветна со најновите податоци од Државниот завод за статистика. Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2%.

Ова истражување на ИПИС, Религија.мк и КАС е дел од проектот за анализа на перцепицијата на граѓаните за улогата на религијата во мултикофесионални општества.