Најискусниот во нашиот национален тим Никола Митревски не крие дека се уште жали за пропуштеното против Унгарија и Австрија, мечеви на кои бодовите можеа да ни донесат место во четвртфиналето од овој ракометен мундијал.
„Доколку не беше Франција или Данска, против секој друг ривалби имале далеку поголема шанса. Се обидовме да одиграме, и иако тие и немаа некој императив за победа, таков тип на играчи како Французите, никогаш не се откажуваат, трчаат, играат, сакаат да победат. Се бореа иако веќе го имаа обезбедено првото место. Одигравме солиден натпревар, видовме и сами, дека секоја наша грешка, ја казнуваа со контра напад со транзиција. Тоа е лекција за сите нас, без разлика на кој спорт да се однесува, да го научиме и да го запомниме за во иднина. Имавме време да се одмориме по секој натпревар. Можеби го подигнавме нивото на овој шампионат, да, но ни фалеа детали на овој турнир за да го видиме и тоа четвртфинале. Да ги добиевме тие два нерешени резултати, сега ќе бевме во четвртфинале, и овој дуел ќе беше борба за прво место. Тоа е она што мораме да го научиме како селекција, како нација, да веруваме во себе. Да се бориме против секој. Бидејќи видовме тука дека можеме против секого“, изјави голманот на македонскиот национален тим.
Воедно, Митревски искажа јавна благодарност до навивачите кои дојдоа во Вараждин и им дадоа огромна поддршка на репрезентативците.
„Секогаш е убаво кога се игра пред нашите верни навивачи, но она во Вараждин во првата фаза беше навистина фантастично. Игравме пред можеби 3.000 навивачи кои ни дадоа крилја во тие првите три битки. Би сакал јавно, во мое име и во името на сите во репрезентацијата да им се заблагодарам на сите Македонци кои беа тука за нас, се надевам дека им возвративме на вистински начин“, изјави Митревски.