Skip to main content
Македонија

Митовски: Целта е јасна – обновен и победнички СДСМ

06/05/2026  00:18

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во емотивно гостување на 4ТВ порача дека останува дел од Социјалдемократскиот сојуз и покрај длабоката криза и разочарувањето кај граѓаните, нагласувајќи дека решението не е во напуштање на партијата, туку во нејзино темелно заздравување и враќање на довербата.

Митовски потсети на периодите низ кои поминале членовите и поддржувачите на СДСМ, потенцирајќи дека многумина вложиле огромна лична жртва во процесите што довеле до политичките промени во 2017 година.

„Сите ние кои бевме дел од тешките внатрешни процеси – од Шарената револуција до ‘Крвавиот четврток’ – знаеме колку многу дадовме од себе за да дојдеме до слободата во 2017 година. Влогот е преголем за денес лесно да зборуваме за други опции. Мојата цел е што поскоро да го вратиме СДСМ на победничките патеки“, истакна Митовски.

Во разговорот тој отворено призна дека граѓаните сè помалку веруваат во институциите, правниот систем и политичките ветувања, оценувајќи дека Македонија предолго се врти во круг без суштински промени.

„Таква е констатацијата во јавноста и мораме да ја признаеме. Граѓаните повеќе не веруваат во системот и државата. Зборуваме за правда и вредности само на хартија, но кога треба суштински нешто да преземеме, се чини дека има сè помалку волја и решителност“, рече тој.

Митовски смета дека токму ова разочарување е една од главните причини за сè помалата излезност и политичката апатија кај граѓаните. Според него, довербата може да се врати само преку конкретни резултати и реална борба за правна држава, а не со празни политички пораки.

„Мојата заложба е СДСМ да не биде само дел од тој круг на смена на властите, туку партија која ќе ја понесе одговорноста за вистинска правна држава“, заклучи градоначалникот на Крива Паланка.