Skip to main content
Балкан

Митинг на Вучиќ во Јагодина: „Србија е нападната, народот ќе ја брани“

24/01/2025  23:05

Во Јагодина вечерва се одржа собир по повод формирањето на Движењето за народот и државата, на кој српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека е трогнат од масовната поддршка.

„Речиси заплакав кога видов толкав број луѓе кои сакаат да ја бранат Србија. Нашиот народ знае дека денес е нападната и однадвор и одвнатре“, изјави Вучиќ пред насобраните граѓани. Тој истакна дека повеќе од 200 автобуси не успеале да влезат во градот поради огромната гужва.

Вучиќ упати порака за единство, критикувајќи ги опозиционите протести и штрајкови: „Оние што ја ограбија Србија сега сакаат да ги искористат децата за повторно да дојдат на власт“.

Претседателот повика на дијалог со студентите кои протестираат, барајќи да ги истакнат конкретните проблеми за да може да се најде решение. Притоа, потврди дека додека тој е на чело на државата, Србија нема да воведува санкции кон Русија или други пријателски држави.

Вучиќ го заврши обраќањето со порака дека во Србија повеќе нема да има смена на власта од улица: „Народот сака напред, народот сака иднина.“

Истиот ден, во Белград се одржа протестен собир под името „Генерален штрајк,“ организиран од опозицијата. Министерството за образование издаде допис до училиштата, повикувајќи на почитување на работните обврски и одржување на редот во услови на штрајк.