Skip to main content
Македонија

Митева: Издадени 28 решенија за привремена забрана за работа, неправилности констатирани кај 17 субјекти со лиценца

11/04/2025  15:29

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 17.03 до 10.04.2025 година изврши вкупно 297 надзори во однос на исполнувањето на минимално техничките услови и други одредби предвидени согласно Законот за угостителска дејност. Надзори се вршени кај угостителските објекти со пријавена дејност: диско клуб, диско клуб на отворен простор, ноќен клуб, кабаре, кафе бар, гостилница, ресторан, ресторан за свадби, бистро, хотел и останати субјекти, истакна на денешната прес конференција владината портпаролка Марија Митева.

Издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3.436.000,00 денари. Издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност (кои вршеле дејност без лиценца или пак без исполнување на минимално техничките услови) и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно Законот за угостителска дејност. Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца, кај 17 субјекти констатирани се неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови.

Посочи дека во последниот извештај беа 15, а денеска веќе се 17 и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд.

Во меѓувреме кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности, и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола и направени контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски предвидениот рок од 30 дена, ги отстраниле овие недостатоци. И таквите информации се доставени до Министерството за економија и труд, додаде Митева.

Останатите правни субјекти, посочи, кои немаат активна лиценца или пак се со поднесено барање до Министерството за економија и труд и не вршат дејност во моментов се под постојан мониторинг и за истите ќе се преземат соодветни мерки согласно закон.