Skip to main content
Македонија

Мисајловски: Испочитувана е одлуката за одвојување на 2% од БДП за одбрана

24/12/2024  13:16

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (24 декември) на заедничка средба со уредниците и новинарите кои ја следат одбраната ги презентираше трите приоритетни столбови на кои почива одбраната и Армијата – стабилното буџетирање, интензивната модернизација и опремување и развојот на човечкиот капитал. Министерот најави дека во 2025 година Армијата ќе се подмлади со 300 нови професионални војници со што, како што рече, се подобрува и борбената готовност.

На заедничката средба на која учествуваa и началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Сашко Лафчиски и заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили, министерот порача дека заеднички донесената одлука во НАТО за одвојување на 2 проценти од БДП за одбрана е испочитувана, а одредбата за одвојување на 20 проценти од одбранбениот буџет за модернизација е надмината.

„Одбранбениот буџет за 2025 година изнесува 329 милиони евра, од кои над 32% односно над 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година тоа се 18 милиони евра повеќе за оваа намена”, рече Мисајловски.

Министерот информираше и за сите проекти за модернизација на Армијата при што посочи дека набавката на оклопните возила JLTV треба да се заокружи следната година, додека истовремено во Армијата треба да пристигнат и оклопните возила од типот Stryker. Во 2025 ќе пристигнуваат и артилериските системи „Боран”, системите за против-воздушна одбрана „Мистрал” и друга придружна опрема.

Во однос на човечкиот капитал, министерот посочи дека до крајот на 2024 година, 99 проценти од сите побарувања согласно Колективниот договор, Законот за вработени во одбраната и Законот за служба во Армијата се исплатени и дека и следната година ќе продолжат да се почитуваат сите обврски кон вработените.