Skip to main content
Економија, Македонија

Миноски: Зголемување на минималната плата на 600 евра ќе опфати 230.000 работници и ќе донесе 300 милиони евра во буџетот

26/02/2026  22:10

Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, повика на носење одлуки базирани на податоци (evidence-based policy) наместо на политички препукувања во врска со висината на минималната плата.

Според Миноски, во актуелниот трипартитен дијалог помеѓу Владата, синдикатите и работодавачите, недостига сеопфатна анализа за нето-ефектите од покачувањето на минималецот. Тој нагласи дека секоја ваква политика мора да ги земе предвид клучните економски параметри: продуктивноста на трудот, вработеноста, инфлацијата и растот на БДП.

Миноски откри податоци од анализа во која самиот учествувал, а која нуди конкретни бројки за тоа што би значело зголемување на минималната плата на ниво од 600 евра: околу 230.000 вработени директно би биле засегнати од оваа мерка, а вкупниот трошок за нивелирање на платите би изнесувал околу 700 милиони евра. Од овие средства, 300 милиони евра веднаш би се вратиле во државната каса преку придонеси за социјално осигурување и персонален данок.

„Овие симулации покажуваат дека таквото зголемување би придонело за раст на бруто домашниот производ (БДП) и на вработеноста во одредени сектори, како што е услужниот сектор, со незначително влијание врз инфлацијата,“ истакна Миноски.

Екс-министерот смета дека е неопходно Економско-социјалниот совет, како тело што ги обединува сите социјални партнери, да нарача официјална експертска анализа. Целта е дијалогот да се води со релевантни податоци, што би го олеснило процесот на донесување одржливи одлуки за македонската економија и за стандардот на граѓаните.