Skip to main content
Македонија

Министерство за енергетика со соопштение во врска со сметки за струја

04/03/2025  10:53

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ)

Во рамките на своите надлежности и континуиран напор за заштита на правата на граѓаните, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини иницираше и интензивира активности за правично и транспарентно информирање на јавноста во врска со сметки за електрична енергија. Министерството, како носител на државната политика во енергетскиот сектор, активно ги координира сите институции и ги потсетува на нивните обврски според законот, со цел граѓаните да бидат целосно заштитени од потенцијални злоупотреби.

Министерството иако нема директни ингеренции врз цените и фактурирањето, го постави ова прашање како приоритет и иницираше средби со сите релевантни страни со цел транспарентно и правилно информирање на јавноста. Министерството и РКЕ во насока на поголема транспарентност и едукација ги информираат граѓаните за сите можности за точен и навремен увид на потрошената електрична енергија како и за механизмите што им стојат на располагање, базирано на строго почитување на законите што ја регулираат оваа област.

За точно утврдување на состојбите сите граѓани кои сметаат дека имаат основ за дополнителна проверка (согласно член 37 од Законот за енергетика, правилата за снабдување со електрична енергија и правилата за постапување на приговори и разрешување на спорови), имаат право да поднесат приговор.

Во координација и соработка со Регулаторната комисија за енергетика и инволвираните компании како ЕВН Хоум, информираме за процедурите.

Клучни чекори за правично решавање на спорови:

1. Поднесување приговор до ЕВН Хоме Сите граѓани кои сметаат дека нивната сметка е неточна имаат законско право да поднесат приговор до универзалниот снабдувач ЕВН Хоме во рок од 8 дена. Пријавата мора да содржи број на сметка, опис на проблемот и копија од фактурата. Контакт: info@evn.mk.

2. Жалба до РКЕ доколку одговорот е незадоволителен Ако ЕВН не одговори во законскиот рок или граѓаните не се задоволни од одговорот, можат да се обратат до РКЕ на erc@erc.org.mk или potrosuvaci@erc.org.mk, приложувајќи ги документите од постапката со ЕВН. РКЕ ќе изврши независна истрага и ќе донесе обврзувачко решение.

3. Доколку РКЕ донесе одлука во полза на граѓанинот, ЕВН е законски обврзан да ја коригира сметката, најчесто со пресметковно намалување на следните фактури. Во случај на негативна одлука, граѓаните имаат право да поведат управен спор.

Според законот, ЕВН Хоме е должно квартално (на секои 3 месеци) да ги отчитува броилата за да се осигури дека податоците се точни. Од ЕВН Хоум информираат дека околу 85% од броилата се отчитуваат секој месец. Меѓутоа има броила кои се поставени во имотот на корисниците и кои не можат да се отчитаат доколку корисникот не е присутен. 15% од броилата, во кои влегуваат непристапни, во одделни рурални средини, се читаат два пати годишно. Во период од 3 месеци, процентот на отчитани броила бил над 95%. За броилата што нема можност да се отчитаат во текот на месецот фактури се изготвуваат врз основа на прогнозирана потрошувачка (Автоматски алгоритми), каде што основот е кривата на потрошувачка и потрошувачката во последните 12 месеци.

Според информациите на ЕВН Хоум, по вовдувањето на блок тарифите се вовел механизам на проверка. За потрошувачката на корисниците кои прв пат влегуваат во четвртиот блок се појавува „системска нотификација“ и истите секогаш поединечно се проверуваат од страна на Електродистрибуција. Овој процес се спроведува пред да му се достави фактурата на корисникот. Во ваков случај, доколку влегувањето во четвртиот блок е последица на претходни неотчитани месечни состојби, односно нефактурирани киловат-часови, фактурата веднаш се корегира.

Дополнителни информации за постапката како и за сите прашања поврзани со отчитувањата, блоковите и пресметката корисниците можат да најдат на следните линкови.

· Најчесто поставувани прашања и одговори- https://elektrodistribucija.mk/Grid/Informacii-merni-uredi.aspx · Веб-страница на ЕВН Хоме – https://www.evn.mk/Invoices.aspx · Порталот на РКЕ – https://www.erc.org.mk/

Доколку граѓаните се сомневаат дека нивните броила не се редовно отчитувани можат да:

• Споредете ја фактурата со вистинската состојба на броилото – доколку има неусогласеност, ЕВН е должно да реагира.

· Сами да пријават состојба со отчитување на броилото на … маил да прати Вјолса

· Или да поднесат барање до ЕВН Хоме за физичко отчитување на броилото и проверка на блоковите, доколку не се во можност сами да го отчитаат броилото.

· Побараат доказ за отчитување: Според законот, ЕВН мора да обезбеди потврда за кварталното отчитување. Доколку ја нема, имате право на ревизија.

Редовно отчитување на броило: Сами пријавете ја состојбата на броилото онлајн или преку апликацијата на ЕВН. Со тоа ќе добиете сметка според реалната потрошувачка избегнувајќи ги проценети вредности врз основа на историска потрошувачка. Сите корисници кои сакаат сами да ги пријават состојбите на броилата истото можат да го направат на https://evnonline.mk/index/meterdata или https://evnonline.mk/payment/meterdata , или:

· со електронски допис на info@evn.mk или elektrodistribucija@evn.mk

· со јавување во Call Center, на телефонскиот број 02 32 05 000

Следете ги блоковите: Цената на струјата е поделена во четири блокови. Колку повеќе трошите, толку повисока е тарифата. Дневното препорачано ограничување е до 7 kWh (прв блок). Информации за тарифен систем и пресметка на потрошувачка на електрична енергија по блокови ЕВН Македонија – Tariff System https://www.evn.mk/AboutInvoices/TariffSystem.aspx

· Прв блок: Најниска цена 4,4376 ден за kWh – за потрошувачка до 210 kWh (или просечно 7 kWh дневно)

· Втор блок: Цена 5,5664 ден за kWh – од 211 kWh до 630 kWh

· Трет блок: Цена 7,4314 ден за kWh – од 631 kWh до 1.050 kWh

· Четврт блок: Највисока цена 18,3035 ден за kWh – над 1.051 kWh

Евтина тарифа секој ден од 13-15 часот и од 22 до 07 часот – 1,9765 ден за kWh

Ако забележите дека сте близу до горната граница на блокот, намалете ја потрошувачката во следниот период. Со редовна контрола можете да ги намалите ризиците.

Во анализите направени од РКЕ, констатирано е дека дел од потрошувачите се нашле во повисоки тарифни блокови поради методологијата на пресметка. Универзалниот снабдувач има обврска да направи ревизија на ваквите случаи и, доколку е потребно, да изврши корекција.

Број на пристигнати поплаки

Од 820 илјади броила во Македонија, во ЕВН Хоум, во периодот декември 24 / јануари 25, пристигнале 15 000 приговори, но како што информираат од таму, само мал број од овие пријави (15%) се ревидирани според новопрочитана состојба, за останатите било утврдено дека немале основ, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на реалната потрошувачка. Колку за споредба од ЕВН Хоум информираат дека бројот на пристигнати поплаки во овој период е за 20% помал отколку во периодот декември 23 / јануари 24.

До второстепениот орган РКЕ пак до 28.02.2025 пристигнати се 345 приговори.

Министерството и РКЕ непрекинато ги следат сите постапки и инсистираат на целосна транспарентност од страна на сите инволвирани страни.

Како дополнителна мерка, во тек се активности за активирање на современа апаратура за проверка на броилата во Бирото за метрологија со што ќе се овозможи дополнителна независна верификација и проверка на броилата, по жалба на потрошувачите, во државна институција. Ова ќе придонесе за дополнителна транспарентност, правичност и контрола.

Министерството за енергетика и рударство останува посветено на заштитата на граѓаните во енергетскиот сектор. Во таа насока, ќе продолжи со иницијативи за поголема транспарентност, вклучително и дополнителни едукативни кампањи за потрошувачите. Граѓаните ќе бидат редовно информирани за сите можности за проверка и корекција нивните сметки, како и за механизмите што им стојат на располагање.

Со почит,

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини