
Министерот за јавна администрација на Република Македонија, Горан Минчев, во официјална посета на седиштето на Регионалното училиште за јавна администрација – ReSPA во Подгорица, каде што оствари билатерален состанок со директорката Маја Ханџиска Трендафилова.

Во фокусот на разговорите беа стратешките приоритети на ReSPA и интензивната соработка што Министерството за јавна администрација на Македонија ја има со оваа регионална институција. Преку ReSPA досега се реализирани над 100 обуки и тренинзи, во кои активно учествувале македонски административни службеници, со цел унапредување на знаењата, вештините и управувачките практики.
„ReSPA е повеќе од образовна институција – таа ги обединува земјите од Западен Балкан и создава заедничка професионална заедница во јавната администрација. Таа е платформа за размена на искуства, за градење заеднички визии и за поттикнување на европски вредности – отчетност, ефикасност и транспарентност.” – изјави министерот Минчев.
Тој нагласи дека Македонија ја препознава клучната улога на ReSPA во регионалната интеграција и ја поддржува нејзината мисија како простор за иновации, знаење и институционално зајакнување.
Посетата на ReSPA се совпадна со потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Министерството за јавна администрација на Македонија и Министерството за јавна администрација на Црна Гора, со што се потврди силната заложба за регионално поврзување и координирани реформски напори.
„Реформите во јавната администрација не се натпревар меѓу државите – туку заеднички пат. Верувам дека преку ReSPA и преку конкретни партнерства како денешното со Црна Гора, ќе создадеме модерна, професионална и европска администрација која ќе биде двигател на промените во целиот регион.” – истакна Минчев.
Со зајакнувањето на соработката со ReSPA, Министерството продолжува да ја гради јавната администрација како сервис на граѓаните, отворена кон знаење и иновации и подготвена за европската иднина.